
Во Основниот Кривичен суд Скопје, за денеска е закажано ново рочиште за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, кое ја потресе јавноста. На минатото рочиште судскиот процес продолжи со изведување на дополнителни докази, откако претходно беше завршена доказната постапка.
Обвинителството изведуваше нови докази, меѓу кои и видеоснимки од безбедносните камери поставени кај Велибор Манев. На една од снимките, како што посочи обвинителката Жаклина Трајковска, се гледа како Манев става лопата во возило „Рено Кангу“, што според Обвинителството укажува дека обвинетите однапред се подготвувале за извршување на убиството, а не само за киднапирање на Вања.
„Апсолутно во случајов се работи за користољубие. Од самиот почеток до извршувањето на делата, обвинетите заедно се договорале и се координирале да ги преземат сите дејствија со цел да си остварат материјална корист. Со убиството на Вања се докажува дека сите заедно ги презеле дејствијата само поради таа причина“, изјави обвинителката Трајковска.
Во текот на претходното рочиште, Обвинителството укажа и на тоа дека обвинетиот Боре Видевски не бил на своето работно место на денот на грабнувањето и убиствата, како и дека нема докази за извршено пробно испукување со оружјето кое го поседувал.
Одбраната на обвинетите, пак, побара вештачење на чаурата која беше пронајдена покрај телото на Панче Жежовски, како еден од клучните материјални докази во постапката.
Процесот продолжува денеска, а јавноста со внимание го следи развојот на судската постапка за овој тежок и трагичен случај.