Skip to main content
Балкан

Судот во Тирана одреди мерки за учесниците на антивладиниот протест

24/12/2025  16:26

Судот во Тирана денеска одреди безбедносни мерки за четворица учесници на антивладиниот протест одржан во понеделникот вечерта, кои фрлаа молотови коктели кон полицијата и владината зграда.

– Полицијата идентификуваше 11 лица, од нив четворица беа во 48-часовен притвор, а против другите седум, меѓу нив и еден малолетник, се води постапка. Судот денеска на четворицата им одреди безбедносна мерка редовно пријавување во судот. Кривична пријава е поднесена против лицето Е.М., организациски секретар на Демократска партија, во својство на организациски претставник на овој политички субјект.

Во протестот што се одржа пред Владата во Тирана повредени беа тројца полицајци и еден фоторепортер. Лидерот на Демократска партија, Сали Бериша, го оцени апсењето како „чин без преседан во кој се апсат невини лица, само затоа што сакаат демократија и ослободување на државата од нарко владата“. Според него, меѓу уапсените се две лица од Косово, кои „престојувале како туристи и сакале да се фотографираат со него“.

– Мирниот протест ја потврди одлучноста на народот и треба да трае колку што е потребно за да се собори Владата. Ги повикувам демократите и сите граѓани да се приклучат на континуираните протести. Гарантирам дека со отпорот на граѓаните Еди Рама ќе избега исто како што избегал секој друг диктатор, рече Бериша на денешната средба со новинарите.

Тој додаде дека протестите, вклучувајќи и штрајк со глад, ќе продолжат се додека не се „урива нарко владата, не се формира техничка влада и не се спроведат слободни избори“.