
Поранешниот претседател на Албанија и актуелен лидер на Партијата на слободата, Илир Мета, и понатаму ќе остане во затворски притвор, откако Специјалниот суд за борба против корупција и организиран криминал денеска не го прифати неговото барање за определување поблага мерка за обезбедување присуство. Истрагите против Мета, кои ги водеше СПАК, беа затворени на 28 јули минатата година, а комплетното досие кон крајот на август беше доставено до судот. Станува збор за обемен предмет што обединува три истраги – случајот ЦЕЗ-ДИА, лобирањето на неговата партија во Соединетите Американски Држави, како и истрагата за потеклото на имотот.
Во истиот предмет е опфатена и неговата поранешна сопруга, Моника Круемади, како и уште три лица. Обвиненијата се однесуваат на пасивна корупција, перење пари, непријавување имот и корупција на високи државни функционери. Илир Мета се наоѓа во притвор од октомври 2024 година, додека за Круемади е изречена мерка „задолжително појавување пред суд“. Обидите на Мета да добие поблага безбедносна мерка и преку други судски инстанци досега не вродија со успех, бидејќи сите поднесени барања беа одбиени. По денешното рочиште, неговиот адвокат Кујтим Цакрани изјави дека е подготвен да понуди дел од својот имот како гаранција за Мета, тврдејќи дека неговиот клиент нема финансиски средства ниту сопствен имот.
„Мета не може да обезбеди финансиска гаранција за излегување од затвор бидејќи нема ниту средства, ниту каков било имот. Подготвен сум да понудам дел од мојот имот за да го исполни овој критериум“, изјави адвокатот. Пред отворањето на истрагите на СПАК, брачниот пар Мета – Круемади, кој со години важеше за пример за стабилен брак и има три возрасни деца школувани во Лондон, неочекувано започна бракоразводна постапка. Во тој период, Мета се пресели во седиштето на партијата, додека заедничкиот имот премина во сопственост на семејството Круемади, а делот што остана на име на Моника, според наводите, бил подарок од нејзините родители.
