Skip to main content
Македонија

Судијката Груевска Илиевска со силна порака на стартот на процесот: Ќе дојдеме до вистината и до правдата, бараме дисциплина и без одложувања

19/11/2025  10:09


Со воведно и јасно обраќање, судијката Дијана Груевска Илиевска денеска го отвори најследениот судски процес во државата – судењето за трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“. Таа истакна дека веќе со месеци нејзиното име се споменува во јавноста, но дека денес првпат формално ѝ се претставува на сите присутни, најавувајќи транспарентно водење на процесот.

„Јас сум Дијана Груевска Илиевска, а заменски судија ќе биде Ахмет Идирзи. Советот ќе брои уште четири поротници – три редовни и еден заменски,“ истакна таа на почетокот, нагласувајќи дека од судечкиот совет ќе се бара максимална дисциплина и придржување до процедурите.

Таа појасни дека не биле повикани полномошниците на оштетените, бидејќи не било јасно кои лица ќе се јават како нивни застапници, особено оние кои можат да бидат и сведоци во процесот.

„Секое одлагање и секое барање за одлагање ќе биде проверено од советот. Доколку оцениме дека е непотребно – ќе следува санкција,“ предупреди судијката, испраќајќи силна порака дека судот нема да дозволи опструкции и пролонгирање на постапката.

Во своето обраќање, Груевска Илиевска се осврна и на болката на семејствата на загинатите:
„Знам за болката. Сите ние сме родители. Почит кон тагата која ја носат родителите. Но ние мора да останеме професионални и да ги испочитуваме правата на сите кои се тука.“

Таа гарантираше дека сите предложени докази ќе бидат изведени, освен оние кои советот ќе ги оцени како ирелевантни.

На прашањето колку долго може да трае постапката, судијката беше директна:
„Никој не може да знае. Можеби пет месеци, можеби пет години. Но јас сега да не преудицирам. Ќе дојдеме до вистината и до правдата.“

Со оваа порака, судијката испрати јасен сигнал дека судскиот процес ќе се води строго, професионално и без компромиси, додека во судницата владее напната атмосфера и огромен интерес од јавноста и семејствата на жртвите.