
Судењето за случајот за убиството на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, каде првообвинет е Љупчо Палевски – Палчо, заедно со Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски се презакажува за 9 јуни. Како што информираат од Основниот кривичен суд Скопје, презакажувањето е по барање на надлежениот јавен обвинител.
Судењето треба да продолжи со завршни зборови на Обвинителството, откако со минатото рочиште заврши доказната постапка.
-Заради интерес на медиумите и невладините организации кои ја следат работата на судот, ја информираме јавност дека главната расправа за предметот со К. Бр. 1339/24 поврзано со двојното убиство на малолетната В.Ѓ. и Велешанецот П.Ж. насроечна за 02.06.2025 година, по барање на надлежниот јавен обвинител, се презакажува за следниот, веќе насрочен термин, на 09.06.2025 година во 10:00 часот. Имено заради обемноста на предметот, изведените материјални и вербални докази, дополнението на доказната постапка, како и потребното време за соодветна подготовка на завршните зборови, прифатено е барањето за презакажување на расправата, за што странките ќе бидат известени- се вели во соопштението од Основен кривичен суд Скопје.
На минантото рочиште во Основниот кривичен суд Скопје беа изведувани дополнителни докази од страна на одбраната на обвинетите Палевски, Видевски и Ѓорчевски, додека одбраната на останатите двајца обвинети Манев и Кешишев не предложи докази во дополнението на доказната постапка. Првообвинетиот Љупчо Палевски најпрво приговараше на образложението на Основното јавно обвинителство во врска со сметањето на времето. Според него, времето од снимките во дворот на Велибор Манев кои претходно ги изведе Обвинителството пред Судот, не се во реално време иако биле вештачени и потврдени од МВР Форензика.
Во обвинението стои дека Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде неговото возило „ситроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.