
Судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани во кој животот го загубија 63 лица, а околу 200 беа повредени, ќе почне на 19 ноември годинава во судницата во КПУ Идризово, соопшти Основниот кривичен суд – Скопје.
Обвинителниот акт поднесен првично од ОЈО Кочани па со решение на Јавниот обвинител на РСМ, доделен во надлежност на Скопското јавно обвинителство, беше одобрен во целост, а согласно АКМИС – системот, распределен на понатамошно постапување кај судија Диана Груевска Илиевска.
– Заради интерес на медиумите и невладини организации кои ја следат работата на судот, но и заради транспарентно известување на јавноста во однос на конкретниот предмет, информираме дека покрај судиите кои се иззема од постапување пред оцена на обвинителниот акт, дополнително и судиите Тамара Витларова – Смилевска и Илина Смичковска – Илиевска се изземаа од постапување по предметот заради исполнување на Законските одредби односно лично познанство со дел од оштетените, наведуваат од Кривичниот суд.
Предметот, кој се води под број К.бр. 1872/25, првично беше поднесен од Основното јавно обвинителство Кочани, а потоа со решение на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, префрлен во надлежност на Скопското обвинителство. Обвинителниот акт е целосно одобрен и распределен преку АКМИС системот кај судијката Диана Груевска Илиевска.
Поради законски ограничувања и лично познанство со дел од оштетените, од постапувањето по предметот се изземени судијките Тамара Витларова – Смилевска и Илина Смичковска – Илиевска. Како втор член на судечкиот совет, согласно измените во годишниот распоред, ќе постапува судијата Ахмед Идризи.
Заради ефикасност и економичност, судот има закажано повеќе термини за главна расправа: 25 и 26 ноември, како и 2, 4, 10 и 11 декември 2025 година. Дополнителни термини ќе бидат утврдени по започнувањето на расправата.
Судот апелира до сите учесници во постапката да пристигнат најмалку еден час пред закажаниот термин, поради безбедносни процедури и навремено започнување на расправата. Акредитираните медиуми треба навремено да ги обезбедат потребните дозволи за снимање и фотографирање од Врховниот суд на РСМ.
МИА