
Зголемување од 10 денари, односно од 140 на 150 денари субвенциониран студентски оброк во 2026 година, бараат студентите преку националното студентско тело. Во барањето кое го испраќаат до Министерствбото за образование и наука велат дека согласно законот зголемувањето треба да се направи пред носењето на државниот буџет за 2026 година.
На таков начин, според нив, ќе се олесни финансискиот товар на студентите и ќе се создадат подобри услови за студирање.
„Инфлациската стапка во Република Македонија во 2024 година изнесува 3,5% (согласно податоците на НБРМ и ДЗС). Дополнително согласно проекциите на ММФ, инфлациската стапка за 2025 година ќе изнесува 3,4%, додека НБРМ, проектира 3% инфлација за 2025. Доколку се направи пресметка за двете години, сумата на студентскиот оброк треба да порасне за 10 денари во 2026 година. Со ова зголемување, ќе се обезбеди поголема сигурност и поддршка на студентите во услови на растечки животни трошоци, ќе се олесни нивниот финансиски товар и ќе придонесе кон создавање подобри услови за студирање“, вели Александар Николовски, претседавач на Национално студентско тело.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска пак им одговори на студентите дека во овој момент не може да гарантира зголемување бидејќи се зависи од буџетот на државата.
„Мислам дека во иднина би можеле да се договориме, но во овој момент не можам да гарантирам затоа што буџетот на Министерството за образование зависи од буџетот на државата. Секако дека ќе се залагам доколку е можно и оваа година да биде остварено затоа што јас искрено мислам дека тие треба да имаат услови за да може да учат“, вели Весна Јаневска, министерка за образование и наука.
Студентите за првапат почнаа да добиваат пари за оброк во 2020 година. Во 2023 година Собранието изгласа измени на Законот за студентските оброк, со кои предвиде износот да се зголемува со зголемување на инфлацијата. Тогаш, почетниот износ од 120 денари дневно беше покачен на 140 денари. Според законот, усогласување треба да се прави еднаш годишно, по завршувањето на фискаланат година а пред донесување на државниот буџет за следната година.