Skip to main content
Македонија

Студиска посета во Државното јавно обвинителство на Полска

22/11/2025  12:46

Структура и организација на јавното обвинителство со посебен осврт на процесот на дигитализација и презентација на компјутерскиот систем беше тема на студиската посета на претставници на Јавното обвинителство на РСМ и на Советот на јавните обвинители во Република Полска од 17 до 20 ноември.

Како дел од активностите за размена на знаењата и искуствата предвидени со Меморандумот за соработка меѓу полското и македонското Јавни обвинителства што минатата година го потпишаа Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љупчо Коцевски и тогашниот Генерален јавен обвинител и министер за правда на Полска Адам Боднар, студиската посета беше организирана од проектот “Поддршка на ЕУ за владеење на правото”, финансиран од Европската унија.

Работилницата ја отворија Дариуш Корнелук, прв заменик на актуелниот полски генерален обвинител Валдемар Журек и судијата Гжегож Борковски, лидер на компонентата за правосудство во проектот “Поддршка на ЕУ за владеење на правото”, додека јавната обвинителка од Окружното обвинителство во Варшава Катажина Крисјак, која е експерт за јавно обвинителство во овој проект, ја појасни структурата и надлежностите на полските обвинителства во кои работат над 6.000 јавни обвинители и преку 10.000 службеници.

Во текот на студиската посета беа детално образложени придобивките и можностите на процесот на дигитализација на јавното обвинителство, во кој Полска е во исклучително напредна фаза. Полскиот дигитален систем PROK-SYS со потсистемите LIBRA, SDA, APR и UZA, како и системот за централни инфраструктурни услуги и корисничка поддршка ги опфаќаат сите клучни модули за работа на јавните обвинителства и овозможуваат целосна дигитализација и електронско управување со предметите, што ја зголемува ефикасноста во работата на обвинителствата.