
Воведувањето на дигитално евро ќе предизвика значителни трошоци за европските банки, проценети меѓу 18 и 30 милијарди евра, покажува студија на консултантската компанија „ПрајсвотерхаусКуперс“ (PwC), нарачано од три европски асоцијации на кредитниот сектор, јави ДПА.

„ПрајсвотерхаусКуперс“ детално анализираше 19 банки, проценувајќи ги нивните трошоци за прилагодување кон дигиталната валута на над 2 милијарди евра. Овие проценки, исто така, ги претставуваат потенцијалните трошоци за банките низ еврозоната.
Дигиталното евро има за цел да биде алтернатива на американските компании за онлајн плаќања, како „ПејПал“, „Виза“ и „Мастеркард“, кои доминираат на европскиот пазар за дигитални плаќања.
Сепак, повеќето банки во Германија остануваат скептични во врска со воведувањето на дигиталното евро и сè уште не е јасно какви конкретни дополнителни предности би понудило тоа во споредба со постојните методи на плаќање.
Воспоставените системи, како што се преводите во реално време, веќе исполнуваат многу барања во однос на брзината и безбедноста. Паралелен систем првенствено би довел до дополнителни трошоци и сложеност без да создаде препознатлива додадена вредност за клиентите, се наведува во студијата.
Банките ќе мора да ги ажурираат мобилните апликации, онлајн платформите, платежните картички и терминалите, а адаптацијата на банкоматите би чинела околу девет милиони евра по банка. Воведувањето на дигиталното евро, исто така, ќе бара ангажирање на квалификувана работна сила, што може да ги забави иновациите во секторот.