
Иако првично беше најавен како отворен собир пред платото на кампусот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ), денешниот пленум организиран од новоформираниот Независен Студентски Сојуз се одржа зад затворени врати во аулата на Филозофскиот факултет. Новинарите не беа дозволени да присуствуваат, а медиумските екипи беа спречени да известуваат за настанот.
Неколку минути пред почетокот на пленумот, еден од студентите-организатори преку мегафон ги информираше присутните дека собирот ќе се одржи внатре, нагласувајќи дека „новинарите да не снимаат“ и дополнително извикувајќи: „Вие сте само платеници, ниеден студент не даде дозвола за сликање“.
Новинарските екипи во меѓувреме беа посетени од студент кој сакаше да остане анонимен, а кој тврдеше дека пленумот е под силно влијание на политичките партии Левица и Црвена младина.
Останува нејасно какви одлуки се донесени на пленумот, бидејќи без пристап на медиумите, јавноста остана без увид во случувањата. Она што е очигледно е дека најмалку две политички структури се натпреваруваат за контрола над студентското движење, што го поткопува суштинскиот принцип на студентското организирање како независен и автентичен глас на младите.
Особено впечатлив беше моментот кога студентот со мегафон, на забелешката дека студентскиот пленум од 2014 година беше отворен за медиумите, кратко возврати: „Ова не е 2014-та, сега е 2025-та“.
Овој одговор отвора повеќе прашања отколку што дава одговори – дали навистина студентите самите избрале затворен формат или некој друг ги насочува овие настани?