
Министерот за здравство, Азир Алиу, најави дека до понеделник ќе биде комплетирана листата со странски експерти кои ќе ја анализираат праксата на приватните болници и ќе утврдуваат дали се извршувале непотребни операции кај пациенти.
„Еден експерт ќе биде од Словенија, вториот е од Италија, а за третиот се разгледуваат кандидати од Австрија и Германија“, изјави Алиу за ТВ 24.
Министерот нагласи дека ангажирањето на странски експерти е направено за да се обезбеди поголема објективност и точна проценка на состојбата во приватните здравствени установи.
Во меѓувреме, Министерството за здравство ја подготвува и методологијата по која ќе се опфатат здравствените установи од приватниот и јавниот сектор. Од приватните болници ќе се бара до 15 септември да достават целосен список на интервенции до Министерството.
Овие мерки следат по изјавата на професор д-р Сашко Кедев дека во одредени приватни болници се извршувале операции за профит, иако тие интервенции не биле медицински неопходни.