Skip to main content
Свет

Стотици Палестинци протестираа во Газа против Хамас. „Одбиваме да умреме“

26/03/2025  12:13

Стотици Палестинци протестираа вчера против Хамас и војната на најмалку три локации во Газа, релативно редок настан во Појасот Газа, пишува „Тајмс оф Израел“.

Снимката објавена на социјалната мрежа Х покажува 100-ина жители на Беит Лахија, во северниот дел на Појасот Газа, како одржуваат протести повикувајќи на крај на војната и крај на владеењето на Хамас, а некои демонстранти носеа транспаренти на кои пишува „Одбиваме да умреме“ и „Децата во Палестина сакаат да живеат“.

Дополнително, неколку видеоклипа снимија жители како извикуваат „Хамас надвор“, „Хамас терористи“, „Народот сака да го собори Хамас“ и „’Да’ за мирот, ‘не’ за војната“.

Некои од демонстрантите носеа бели знамиња.

Како што пишува „Тајмс оф Израел“, неколку часа по првиот протест, во бегалскиот камп „Џабалија“ во северниот дел на Газа се одржа уште еден протест против војната и Хамас, при што десетици демонстранти палеле гуми и скандирале „Сакаме да јадеме“.

Хамас официјално не ги коментира протестите.

Протестите се релативно ретка појава во Газа, особено против Хамас, кој одржува цврста контрола врз Појасот по соборувањето на палестинската власт од територијата пред речиси две децении, пренесува медиумот.