Skip to main content
Македонија

Стојаноски: Владата ќе има системска борба наместо привремени мерки за запирање на поскапувањата

26/02/2026  21:50

Владата преминува од моделот на краткорочни ограничувања на цените кон долгорочни системски решенија за заштита на стандардот на граѓаните. Бојан Стојаноски во емисијата „Ноќно студио“ на 4TV.mk призна дека претходните мерки, како замрзнатите маржи и потрошувачките кошнички, давале резултати само додека биле на сила, по што трговците веднаш ги нивелирале цените на штета на потрошувачите.

Наместо моментални решенија, фокусот сега е ставен на три клучни столба:, објави 4news.mk

Засилен инспекциски надзор: Државниот пазарен инспекторат веќе спроведува редовни и најавени контроли со цел санкционирање на неправилностите.
Законски измени за нелојална конкуренција: Преку собраниска процедура се отвора Законот за нефер трговски практики, со кој значително се зголемуваат казните за оние кои манипулираат со пазарот.
Дигитализација и транспарентност: Се подготвува нов софтвер кој на граѓаните ќе им овозможи во реално време да видат каде одреден артикал има најниска цена, со што директно ќе се поттикне конкуренцијата меѓу маркетите.
Стојаноски нагласи дека борбата со високите цени е еден од најголемите предизвици на овој мандат, бидејќи без стабилни цени, покачувањето на платите и пензиите ја губи својата вистинска вредност.

„Џабе е да ги качувате платите и пензиите ако тие ја губат вредноста поради цените. Преку институциите на системот ќе продолжиме да ги напаѓаме овие негативни појави,“ дециден е Стојаноски.

Според него, цените на средно ниво веќе покажуваат знаци на стабилизација, но системската борба ќе продолжи сè додека не се обезбеди долгорочна предвидливост за потрошувачите.