Skip to main content
Економија, Македонија

Стојаноски најави драстични казни и затворање на маркети кои профитираат преку „картелско здружување“

26/02/2026  21:51

Трпението на државата кон трговците кои го изигруваат законот е при крај. Пратеникот Бојан Стојаноски во гостувањето на „Ноќно студио“ на 4TV.mk најави сериозна офанзива против нефер трговските практики, која ќе вклучува десеткратно зголемување на казните и можност за привремено затворање на објектите кои манипулираат со цените.

Стојаноски посочи дека досегашната практика на маркетите да објавуваат сложени и непрегледни табели со цени, само за да ја исполнат законската форма, повеќе нема да поминува. Наместо тоа, државата ќе воведе дигитална алатка преку која граѓаните преку своите паметни телефони ќе можат во реално време да ја проверат најниската цена за секој артикал, со што директно ќе се зголеми транспарентноста и конкуренцијата.

Според најавите, новите санкции ќе бидат значително поригорозни. Наместо досегашните ниски казни, кои за големите маркети претставувале занемарлив трошок во споредба со профитот, глобите ќе бидат зголемени за десет пати. За оние кои упорно ќе продолжат со прекршувања, законот ќе предвиди и мерка привремено затворање на маркетот.

Целта, како што нагласи Стојаноски, е да се спречи договорено одржување на високи цени, односно картелско здружување, и да се поттикне вистинска пазарна конкуренција во интерес на купувачите.

Борбата, како што најави, нема да се задржи само на трговците. Под лупа ќе бидат ставени и производителите и добавувачите, преку детална проверка на влезните фактури и евентуални злоупотреби преку наплати за „маркетинг“ или фиктивни „консултантски услуги“ со кои се заобиколува Законот за нефер трговски практики.

Според него, со нападот на овие негативни појави и со воведувањето целосна ценовна транспарентност, маркетите ќе бидат принудени да се натпреваруваат со пониски цени, што треба да спречи нови ценовни шокови и дополнително оптоварување на буџетот на граѓаните.