Skip to main content
Македонија

Стејт департмент: Закани, насилство и политички притисок врз медиумите во Македонија

13/08/2025  22:10

Американскиот Стејт департмент во годишниот извештај за човекови права за 2024 година предупредува дека Северна Македонија продолжува да се соочува со сериозни предизвици во заштитата на слободата на медиумите и правата на новинарите, и покрај уставните гаранции за слободата на говор.

Како најголеми проблеми се издвојуваат заканите и насилството врз новинарите, зголемувањето на SLAPP тужбите, несоодветното однесување на јавни функционери кон медиумите и политичкиот притисок врз уредувачката политика. Меѓу примерите се наведуваат случајот со новинарката Лепа Џундева, која во 2024 година била мета на закани и говор на омраза по интервју со грчки функционер, и физичкиот напад врз новинарот Фуркан Салиу од полициски службеник, за кој е покренато обвинение.

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) бележи пораст на бројот на инциденти, особено на насилство и вознемирување врз новинарки. Организацијата „Репортери без граници“ предупредува дека медиумите работат под силен притисок поради политичката поларизација, а јавниот сервис и понатаму нема целосна уредничка и финансиска независност.

Во извештајот се посочува и на законските измени што ѝ овозможуваат на владата да финансира медиумски кампањи за теми од „висок јавен интерес“. Според дел од независните медиуми, ова носи ризик од клиентелизам и влијание врз уредувачката политика.

Стејт департментот нотира и пошироки слабости во владеењето на правото – ограничена примена на механизмите за санкционирање злоупотреби, ниска доверба во правосудството и недоволна транспарентност во трошењето јавни пари.

Покрај медиумските слободи, извештајот се осврнува и на работничките права, прекумерната употреба на сила од страна на полицијата (37 пријави за седум месеци, од кои три потврдени), раните бракови во ромската заедница и недоволната заштита на бегалците и барателите на азил.

Американската администрација заклучува дека во Северна Македонија постојат системски предизвици кои бараат посилни институции, независни медиуми и транспарентно управување за да се обезбедат владеење на правото и заштита на човековите слободи.