
Четворица македонски тенисери се дел од квалификациите за пласман на главниот турнир на престижниот „Macedonian Open 2025“, што претпладнево стартуваше во Скопје.
АТП турнирот од серијата Челинџер 75 се игра за награден фонд од 100.000 долари.
Во „костурот“ од квалификациите се: Берг Бугариќ, Обрад Марковски, Амар Хусеиновиќ и Стефан Мицов, кои ќе настапат со „вајлд карти“, но добија исклучително силни ривали во квалификациите.
Марковски за противник го доби првиот носител од квалификациите Даниел Михалски од Полска, додека Бугариќ за ривал го има осмиот носител во квалификациите Неил Оберлајтнер од Австрија, кој лани беше четвртфиналист на турнирот во Скопје.
Најмладиот македонски тенисер во квалификациите Амар Хусеиновиќ за ривал го има Нермин Фатиќ од Босна и Херцеговина (5. носител), додека Мицов ќе игра против Жерар Кампана Ли од (Јужна Кореја), кој лани на турнирот во Скопје беше полуфиналист, а пред две години играше во четвртфиналето.
Најдобриот македонски тенисер Калин Ивановски е дел од главниот турнир и во првото коло, утре, ќе игра против Мили Пољичак од Хрватска, кој е осми носител. За Ивановски ова ќе биде втор настап на Челинџер турнирот во Скопје. Првиот настап го имаше во 2023 година, а лани поради повреда го пропушти турнирот.