
Со свечено поставување на камен-темелник денеска официјално започна изградбата на новата спортска сала во рамките на ООУ „Блаже Конески“ во Мичурин, со што стартува втората фаза од доградбата на ова училиште – еден од најзначајните и најголеми капитални проекти во Општина Аеродром.
На површина од 1.800 метри квадратни, втората фаза опфаќа изградба на современа спортска сала, како и 10 нови училници, кабинет за информатика, нова библиотека и простран хол за дружење и заеднички активност. Партерно уредување на целиот двор на училиштето со нова урбана опрема, ново отворено спортско игралиште, садници и зеленило.
Училиштето ќе добие комплетно нова опрема, клупи, столчиња, плакари, табли. Исто така, ќе биде изграден и нов паркинг за потребите на училиштето. Со изградбата на новата сала, ООУ „Блаже Конески“ ќе добие вкупно две спортски сали, современо опремени за спроведување на квалитетна настава по физичко и здравствено образование, што ќе придонесе за подобрување на спортските активности и развојот на младите.
Вкупната вредност на втората фаза изнесува 253 милиони денари, со предвиден рок за изведба од 18 месеци.
„Со овој камен-темелник започнуваме ново поглавје во развојот на образованието во Аеродром. ‘Блаже Конески’ е едно од најстарите училишта во нашата општина, изградено уште во 1954 година. Создаваме подобри услови за учениците и наставниците, и со тоа покажуваме дека нашите ветувања не остануваат само зборови,“ изјави градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески.
Премиерот Христијан Мицкоски, кој присуствуваше на поставувањето на камен-темелникот, истакна дека Владата ќе продолжи да поддржува вакви проекти кои инвестираат во иднината на децата.
„Станува збор за многу значајна инвестиција со која ќе им се овозможи на децата да учат и да растат во современи услови. Како Влада, ќе продолжиме да ги поддржуваме ваквите иницијативи што создаваат подобра иднина за младите,“ рече Мицкоски.
Во првата фаза од проектот, која е при крај, училиштето добива десет нови училници и осум кабинети по предметна настава, како и голем хол со бина, главни скали и лифт, кујна со трпезарија, нови тоалети и санитарии за лица со попреченост.
Со реализацијата на втората фаза, „Блаже Конески“ ќе прерасне во едно од најсовремените училишта во земјата – простор во кој знаењето, спортот и пријателството ќе бидат темел на новите генерации.

