Skip to main content
Свет

Стармер: Велика Британија „не е вклучена на никаков начин“ во нападот врз Венецуела

03/01/2026  18:28

Велика Британија не е „вклучена на никаков начин“ во американскиот напад врз Венецуела, изјави британскиот премиер Кир Стармер.

Стармер денеска изјави дека сака да разговара со американскиот претседател Доналд Трамп и да ги „утврди фактите“ по ноќната операција во која одекнаа повеќе експлозии, а нисколетачки авиони го прелетаа Каракас.

Американскиот претседател изјави дека венецуелскиот претседател Николас Мадуро, заедно со неговата сопруга Силија Флорес, се заробени и изнесени од земјата со авион по неколкумесечен притисок од Вашингтон. Се очекува тој подоцна да одржи прес-конференција.

Одговарајќи на новинарско прашање дали денеска разговарал со Трамп, Стармер рече: „Не, не сум, и очигледно станува збор за ситуација која брзо се менува, па затоа мораме да ги утврдиме сите факти“.

– Она што можам да го кажам е дека Велика Британија не беше вклучена на никаков начин во оваа операција и, како што би очекувале, ние сме фокусирани на британските државјани во Венецуела и тесно соработуваме со нашата амбасада, рече тој.

– Сакам да разговарам со претседателот. Ќе сакам да разговарам и со сојузниците, но во моментов мислам дека треба да ги утврдиме фактите. Мислам дека претседателот Трамп подоцна ќе има прес-конференција, па се надевам дека тогаш ќе излезат повеќе информации, изјави Стармер.

На прашањето дали ја осудува акцијата, Стармер одговори: „Прво сакам да ги утврдам фактите. Сакам да разговарам со претседателот Трамп, сакам да разговарам со сојузниците“.

Тој додаде: „Секогаш велам и верувам дека сите треба да го почитуваме меѓународното право, но мислам дека во оваа фаза, при ваква брза ситуација, прво да ги утврдиме фактите, па ќе продолжиме оттаму“, пренесе ДПА.