
Во врска со актуелната побарувачка на конзумни јајца во периодот пред Велигден, Групацијата за живинарство при Стопанската комора на Северна Македонија ги информира граѓаните дека македонскиот пазар е стабилен и снабден во доволни количини квалитетни и безбедни конзумни јајца.
Како традиционален производ кој е дел од Велигденските обичаи, јајцата се достапни во доволни количини во трговските мрежи, пазари и фармерски продавници.
На 24 март 2025 г. (понеделник) , во просториите на Комората се одржа работна средба помеѓу компаниите од овој сектор, членки на Комората и претставници на ресорното министерство предводени од г. Цветан Трипуновски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Најголемите производители и извозници на јајца, најавија активна соработка со дистрибутерите и трговците со цел да се задоволи зголемената побарувачка во овој период од годината, а притоа цените да останат на конкурентно ниво, во согласност со пазарните трендови. Ресорното министерство и надлежните институции ги следат состојбите и се подготвени да преземат мерки доколку се јави потреба од дополнителна стабилизација.
Ги потсетуваме потрошувачите да внимаваат при купувањето – да ја проверуваат трајноста и потеклото на јајцата, како и да ги поддржат локалните производители.