Skip to main content
Економија, Македонија

ССМ на 2 април ќе протестира во Скопје

28/03/2025  15:26

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) на 2 април ќе протестира пред државните институции, реагирајќи на, според нив, незаконската одлука на Владата за утврдување на покачувањето на минималната плата за 1.812 денари.

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, посочи дека Законот за минимална плата јасно дефинира како се носи ваквата одлука и дека изјавите на заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, не се точни.

„Став 5 од член 4 на Законот за минимална плата вели дека министерот за труд и социјална политика, по претходно мислење на Економско-социјалниот совет, ја објавува висината на минималната бруто плата, усогласена согласно Став 1“, изјави Трендафилов.

Од друга страна, заменик-министерот Ристески тврди дека одлуката е законска и дека Владата ќе ја почитува секоја спогодба што ќе биде постигната во рамките на трипартитниот социјален дијалог меѓу Владата, работодавачите и синдикатите.

ССМ најави дека седницата на проширеното раководство ќе започне во 12:05 часот пред Владата, каде ќе се одржи гласање, а протестите ќе продолжат и пред други институции.

Трендафилов упати критики кон пратениците, обвинувајќи ги дека со двонеделниот одмор избегнуваат расправа за барањето на ССМ за зголемување на минималната плата за 6.000 денари.

„Денес е последниот работен ден кога можеа да го направат тоа, но за жал не го сторија. Пратениците, кои имаат привилегии како покриени патни трошоци, евтино бифе и веќе зголемени плати за 79%, одлучија да не работат и на тој начин да работат на штета на работниците“, нагласи Трендафилов.

До ваквата ситуација околу законското усогласување на минималната плата дојде откако Владата ги повлече членовите на Комисијата за утврдување на членовите на Економско-социјалниот совет (ЕСС), а пред десетина дена назначи нови. Денеска Комисијата конечно започна со постапката за утврдување кој синдикат ќе биде дел од Советот, но моментално ЕСС останува нефункционален бидејќи една од трите страни нема свој претставник.

ССМ обвинува дека Владата и ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат со притисоци врз нивните членови за да го напуштат синдикатот.