Skip to main content
Македонија

ССМ: И платите во приватниот сектор да се зголемат за 100 евра

03/03/2025  17:30

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) го достави предлогот за минимална плата од 500 евра до Владата, Организацијата на работодавачите и до пратениците. Оттаму предлагаат, освен законското усогласување согласно со новата методологија, од 1.700 до 1.800 денари, со што минималецот би скокнал од 22.500 на 24.400 денари, да има и дополнително зголемување на минималната плата од 6.000 денари, со тоа што за оваа исплатена сума, работодавците од приватниот сектор една година да бидат ослободени од социјалните придонеси, односно државата да ги субвенционира придонесите.

Исто така, се предлага за 6.000 денари да се зголеми нето-платата на сите вработени во приватниот сектор на кои им се исплаќа плата и над износот на минималецот.

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, објасни дека минималната плата треба да биде утврдена најдоцна до 15 март ако се земе предвид дека треба сметководителите да ги прават пресметките, а платата треба да биде исплатена најдоцна до 15 април.

– Созреано е времето социјалните партнери да си подадат рака и да го унапредат животниот стандард на работниците, но и да го зачуваат квалификуваниот кадар. Секој глас против зголемување на платите е глас за купување билет во еден правец и напуштање на државата – истакна Трендафилов.

Со прифаќањето на предлогот на ССМ, Трендафилов вели дека нема да се направи упад во даночната политика, туку напротив.

– Со тоа што ќе добиеме зголемени плати нема да заминеме во банките за да ги штедиме тие средства што сме ги добиле како зголемување, туку со нив ќе ги купиме основните прехранбени производи, кои се даночат со стапка од 5, 10, 15 или од 18 отсто и на таков начин – нагласи Трендафилов и потсети дека ние имаме најниска минимална плата во регионот, каде што најниските плати се движат од 457 до 800 евра.

Тој нагласи дека во зависност од одлуките на власта и на работодавците, Синдикатот ќе одлучи како ќе дејствува натаму, а не ја исклучува и можноста за штрајк.

– Дојде време да изберете дали сте за или против работниците. Вашето избирање дали сте за или против работниците значи во кој правец ќе ја креира ССМ политиката. Ако одлучи некој да биде безобразен – ќе бидеме двојно безобразни, ако одлучи некој еднострано да ја отфрли иницијативата или предлогот за зачувување на животниот стандард на работниците – еднострано можеме да донесеме одлука за штрајк – подвлече Трендафилов.

Одлуката за минималната плата треба да се донесе на Економско-социјалниот совет, но ова трипартитно тело во моментов е нефункционално. Владата ги повлече тројцата членови од Комисијата што одлучува за репрезентативноста на синдикатите. Трендафилов очекува на утрешната владина седница да се знае кои ќе бидат тројцата членови во Комисијата за репрезентативност.

– Додека не добие ССМ репрезентативност за да се состане ЕСС, кој и по закон дава мислење до министерот надлежен за работите од областа на трудот да ја објави новата вредност на минималната плата, се поставува прашалник дали спротивно на Законот некој ќе може да објави висина на минимална плата, имајќи предвид дека е задолжително потребно мислење од ЕСС – напомена Трендафилов.

Вчера, од СДСМ соопштија дека го поддржуваат предлогот за 500 евра минимална плата.

– СДСМ, во изминатиот период, докажа дека минималната може и мора да се зголемува, и го правевме тоа со соодветни законски решенија. Сега гледаме дека цените постојано растат, животниот стандард на граѓаните континуирано опаѓа, Владата не нуди никаква економска политика што ќе значи повисоки плати на работниците и ликвидност на компаниите. Гледаме дека кошничките не го дадоа резултатот, нема никакви ефекти. Ја поддржуваме борбата на синдикатите за 500 евра минимална плата. Сите наши економски мерки што ги поднесовме во изминатиот период, како и оваа денеска, одат во интерес на зголемување на платите на граѓаните, односно на работниците – велат од СДСМ.