
Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, денеска на прес-конференција изнесе сериозни обвинувања за притисоци врз синдикалните организации и обиди за присилно префрлање на работниците во друг синдикат.
„До нас пристигнаа податоци од кабинетот на директорот на ‘Пошта‘, каде што директорите се задолжуваат да делат истапници и пристапници, потоа во ‘Водостопанство‘, каде што директорот се заканувал на синдикалните претставници веднаш да ги префрлат членовите во друг синдикат. Има закани и во ‘Катастар‘ и ‘Национални шуми‘, каде што директорот фрлал пристапници со закани кон вработените“, изјави Трендафилов.
Тој најави дека утре, на 2 април, со почеток во 12:05 часот, 300 члена од највисокото раководство на ССМ и синдикатите здружени во него ќе одржат јавна седница пред Работничкиот дом во Скопје. Протестот ќе продолжи пред Собранието, Стопанската комора и ќе заврши пред Владата.
„Пред Собранието ќе испратиме порака дека не може да има за пратениците, а да нема за работниците. Пред Стопанската комора ќе им порачаме на работодавачите дека подадената рака од работникот денес, може да стане стисната тупаница утре. Протестот ќе го завршиме пред Владата со порака дека не може да се одлучува за работниците без работниците“, истакна Трендафилов.
Според него, владините политики се на штета на работниците, бидејќи платите не се зголемуваат доволно за да се овозможи достоинствен живот.
„Не ги зголемуваат платите, а токму од оние кои работат, тие земаат плата“, потенцираше Трендафилов, додавајќи дека нападите кон раководството на ССМ нема да ги запрат нивните барања.
„Колку повеќе нè напаѓате, толку посилни не правите“, рече тој.
Трендафилов нагласи дека ССМ ќе продолжи да бара минимална плата од 30.000 денари, наместо предложените 24.300 денари.
„Дали ви личи дека ми е грижа за вашето мислење за мене? Владата е против работниците. Не се грижи за нив, а последен доказ за тоа е зголемувањето на платите во образованието за мизерни седум проценти“, изјави тој.
Според него, 250.000 работници во Македонија примаат плата под 32.000 денари, а 380.000 работници се под просечната плата.
„Дали ако го нема Слободан Трендафилов и ССМ, сите ќе си живееме среќно и весело? Одговорот е не. Владините функционери треба да ги тргнат розовите очила со кои гледаат од своите скапи и луксузни кабинети“, заклучи Трендафилов.
ССМ ги повика сите работници да се приклучат на протестот и да покажат дека нема да дозволат манипулации со нивните права и услови за работа.