
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими учесниците на годинешната програма „Конекција Оксфорд”.
На средбата присуствуваа д-р Костаке Милков, претседател на Балканскиот институт за вера и култура и организатор на „Конекција Оксфорд”, м-р Нада Милкова, директор на „Метаноја” и учесниците: проф. д-р Лорна Смит, проф. д-р Најџел Крук, д-р Даниел Ваткис, д-р Кетрин Фунг и Бетан Вилис, како и проф. д-р Валентин Мирчески.
Потенцирајќи дека програмата е уникатна за нашата земја, претседателката рече дека имала задоволство да се сретне со некои од истакнатите говорници од претходните програми на „Конекција Оксфорд”. За мала земја како нашата, истакна таа, особена чест е со години наназад да не посетуваат професори и студенти од еден од најстарите светски универзитети. Нивното присуство, нагласи таа, на македонските студенти и академици им овозможува, не само пристап до светската научна литература, туку и можност за средба со авторите – научници чиј потпис стои на книгите. На тој начин тие ги прошируваат своите хоризонти, но и градат мостови на соработка.
Говорејќи секој од својот домен, гостите зборуваа за промените коишто сакаат да ги видат кај луѓето, како и на кој начин да се реформира едукативниот систем, имајќи предвид дека светот многу бргу се менува и сите мора да се адаптираме на новото време.
Претседателот на Балканскиот институт за вера и култура Милков, посочи дека целта на програмата „Конекција Оксфорд” е да ги поврзе релевантните македонски институции со оваа водечка високо-образовна институција. Од 2011 година до денес, преку оваа програма на македонските универзитети, како и во МАНУ над 100 професори, предавачи и докторанти од Оксфорд имаа можност да ги образложат своите тековни истражувања во повеќе области.
Претседателката, посочи дека жали што УКИМ опаѓа на универзитетската ранг листа на светот. „Мора да ги поддржуваме најдобрите, да се бориме за младите и да ги задржиме дома, бидејќи само тие можат да ни помогнат вистински да бидеме дел од Европската Унија”, рече таа и потенцираше дека токму затоа е инспиративна посетата на претставниците од Универзитетот Оксфорд. Таа ја истакна својата заложба за зголемување на процентот за образование и наука. „Образованието е канал преку којшто се пренесуваат идеите и идеалите од една генерација на друга. Затоа се вели дека училиштата и универзитетите се бедем на слободата и на независноста. Нашите современи херои треба да бидат учителите, наставниците и професорите”, додаде таа.