Skip to main content
Економија

Средба на Ангеловска-Бежоска и директорката Суперти: СЕПА е историски исчекор, сега банките треба да се подготват

16/05/2025  10:49

„Пристапувањето кон СЕПА претставува историски напредок на патот кон Европската Унија и потврда за реформите коишто ги предводеше Народната банка за исполнување на високите европски регулативни барања и стандарди во доменот на плаќањата. Народната банка и натаму посветено ќе работи на одржувањето на макроекономската стабилност, како и на надминувањето на предизвиците во сите области на делување заради овозможување усогласеност со европските стандарди.” Ова беше посочено на состанокот меѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и директорката за Западен Балкан при Генералниот директорат за проширување и источно соседство при Европската комисија, Валентина Суперти, на кој присуствуваше и Зулфи Исмаили, амбасадор и шеф на Мисијата при ЕУ.

На состанокот се зборуваше и за натамошните активности во доменот на пристапувањето кон СЕПА со што им се овозможува на нашите банки, и покрај тоа што не сме членка на ЕУ, да пристапат до европските платежни системи. Сепак, за користење на придобивките од СЕПА треба да се надминат и сегашните предизвици. Притоа, гувернерката посочи дека централната банка заедно со банкарскиот сектор посветено работи на обезбедување целосна подготвеност за интегрирање во СЕПА до октомври 2025 година, што е првиот можен датум за влез на банките од земјите од Западен Балкан. Во соработка со меѓународните партнери, централната банка и натаму ќе го поттикнува и ќе го олеснува овој премин, обезбедувајќи техничка поддршка и регулаторен надзор за непречен и ефикасен процес на интеграција на банките.

На состанокот, гувернерката Ангеловска-Бежоска ја запозна директорката Суперти со последните макроекономски показатели коишто упатуваат на зајакната макроекономска стабилност, како и зајакната стабилност на банкарскиот систем.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска и директорката Суперти искажаа заемно задоволство од спроведувањето на проектните активности на Народната банка со поддршка од ЕУ за усогласување со највисоките европски стандарди и регулативи и изразија цврсти заложби за продлабочување на соработката.