Skip to main content
Скопје

Среброва: Центар не е касаба – време е да се врати духот на Скопје

10/10/2025  14:10

„Јас вечерва стојам пред вас не само како кандидат за градоначалник, туку како една од вас, човек кој веќе десет години е дел од организацијата и осум години модератор на огранокот на Левица Центар,” истакна Марија Среброва на народниот собир во срцето на Скопје, во општината што отсекогаш била жариште на културен и револуционерен дух. На собирот беше отворен и штаб на кандидатите за градоначалници на Град Скопје, Амар Мециновиќ и Општина Центар, Марија Среброва, а присуствуваа и лидерот на Левица, Димитар Апасиев и кандидатите за советници.

„Центар е местото каде се организирале антифашистичките печатници и пунктови, каде што се ковал духот на отпорот и слободата”, порача кандидатката за градоначалник на Левица, додавајќи дека оваа општина не е само административна единица тукуе и симбол на достоинство, истрајност и културен идентитет. Од оваа општина потекнуваат или во неа живееле бројни револуционери, културни дејци и интелектуалци кои го обликувале македонскиот идентитет, од Павел Шатев и Кузман Јосифовски-Питу, преку Невена Ѓорѓиева Дуња и Орце Николов, до Славко Јаневски, Блаже Конески и Горан Стефановски.

Среброва потсети дека ова е четврти изборен циклус за Левица: „Четири циклуси во кои покажавме што значи истрајност, што значи верност кон идејата, што значи да не се продадеш, да не клекнеш, да не потпаднеш на закани и дефетизам. Вие сте тие што го чувате пламенот на левото крило на организацијата. Вие сте совеста на Центар”.

Во своето обраќање таа нагласи дека нивната борба не била лесна: „Не напаѓаа, не подценуваа, не отпишуваа. А ние стоевме исправени – со достоинство, со срце, со верба. Сега е моментот да покажеме дека нашата истрајност не била залудна. Да му дадеме на Центар она што го заслужува чиста, праведна и човечна општина”.

Среброва заврши со зборовите: „Другари, нема предавање! Затоа што за Центар треба да се дише. Треба да имаме Центар што мисли и Центар што не се продава. Време е, затоа што Центар не е касаба!”.