
Австралискиот државјанин со српско потекло Живан Радмановиќ (32) е убиен во вила на Бали, додека неговиот пријател е тешко повреден. Индонезиската полиција верува дека станува збор за пресметка помеѓу криминални банди.

Австралиските медиуми објавија дека индонезиската полиција верува дека ги идентификувала маскираните напаѓачи одговорни за смртта на Радмановиќ, австралиски државјанин кој дошол на Бали од Мелбурн.
Радмановиќ бил убиен во бањата, додека неговата сопруга се криела од напаѓачите под прекривките на креветот во спалната соба.
Пријателот на Радмановиќ, Санар Ганим, бил претепан и застрелан со неколку куршуми во нападот, но успеал да преживее.
Индонезиската полиција соопшти дека сопругата на Радмановиќ среде ноќ ја разбудиле врисоците на нејзиниот сопруг. Како што рекла, се сокрила под покривката, а додека ја покривала главата здогледала маж во светло портокалова јакна со темен шлем на главата.
Таа на полицијата и кажала дека додека ѕиркала, видела како маж пука во нејзиниот сопруг во бањата пред да побегне. Набргу потоа слушнала друга жртва, Ганим, како вреска и истрели од неговата соба.
Истрчала од спалната соба и го затекнала пријателот на нејзиниот сопруг како крвари, а нејзиниот сопруг лежел на подот во бањата.
Австралиските медиуми јавуваат дека Радмановиќ и неговиот пријател во последните неколку месеци живееле на Бали, а веќе и биле познати на полицијата во Викторија.
Вилата во која се случило злосторството имала три соби и вкупно пет гости во моментот на нападот. Покрај жртвите, биле и нивните сопруги и уште еден непознат.
Полицијата нападот го третира како нарачано убиство, а се претпоставува дека напаѓачите се од Австралија. Се сомневаат дека избегале од Бали, но дека се уште се во Индонезија каде доколку бидат уапсени и осудени им се заканува смртна казна.