Skip to main content
Балкан

Србија со најнизок мигрантски притисок од 2015 година

18/12/2025  21:35

Комесарката за бегалци и миграција на Србија, Наташа Станисављевиќ, соопшти дека во текот на 2025 година во центрите за прием и азил биле регистрирани 9.500 мигранти, што, според неа, е најнизок притисок врз земјата од почетокот на мигрантската криза во 2015 година. Таа истакна дека државата продолжува со поддршка за бегалците и внатрешно раселените лица, за што годинава се издвоени 540 милиони динари за станбено згрижување и основна хуманитарна помош.

Од друга страна, Радош Ѓуровиќ од Центарот за заштита и помош на барателите на азил изнесе поинакви проценки, наведувајќи дека во секој момент во Србија нелегално престојуваат меѓу 700 и 1.000 лица, а дека низ земјата годинава поминале најмалку 35.000 луѓе.

– Низ Србија не поминуваат само бегалци, туку има и континуиран прилив на легална работна сила, бидејќи економските мигранти сè почесто доаѓаат поради хроничниот недостиг на локални работници, изјави Ѓуровиќ.

Тој посочи дека во Србија живеат над 40.000 руски државјани и повеќе од 6.000 Украинци, додавајќи дека државата пропуштила можност подобро да ги искористи миграциските потенцијали, особено кај украинските бегалци.