
Италијанскиот пијанист Давид Мартело е протеран од Србија само еден ден по неговиот настап на блокадата на мостовите во Ниш, каде што студентите протестираа повеќе од пет часа.
Мартело, познат по своите импровизирани настапи во кризни места и на протести низ светот, на настанот свиреше класични и поп-култни мелодии, вклучувајќи го и познатиот „Империјален марш“ од Војна на ѕвездите.
Српската полиција му издала решение со кое му се откажува престојот, и му дала рок од три дена да ја напушти земјата – најдоцна до среда, 9 април, објави Н1. Како причина за протерувањето се наведува дека, иако влегол во земјата како турист на 4 април, постои сомнение дека не го користел престојот за наведената цел.
Присуството на Мартело на протестите привлекло големо внимание, не само поради неговата музика туку и поради симболиката – пијано на мост, среде студентски отпор. Настапот се претвори во спонтан перформанс кој веднаш се рашири на социјалните мрежи. Студентка која му пришла му предложила да ја свири темата од Војна на ѕвездите, што тој веднаш ја прифатил – и ја започнал блокадата токму со неа.
Пред да пристигне во Србија, Мартело бил во Турција, каде исто така се одржуваат антивладини протести. Тој често патува по кризни региони со своето пијано, со цел преку музиката да пренесе порака на солидарност и мир. На неговите социјални мрежи, тој самиот најави дека ќе дојде да ги поддржи граѓаните во Србија.
Настанот повторно ја отвори дебатата за односот на властите кон мирните протести и странските државјани кои изразуваат поддршка. Иако неговата мисија беше културна и симболична, Мартело доби забрана која може да се протолкува и како политички сигнал.