Skip to main content
Македонија

Спречен обид за криумчарење 6,4 килограми сребро, извести Царинската управа

16/04/2025  11:51

На граничен премин Богородица мобилен тим спречи обид за криумчарење на 6,4 килограми сребро во вредност од 472 илјади денари. Против сторителот ќе биде поднесена кривична пријава за сторено кривично дело криумчарење, казниво по Кривичниот законик, извести Царинската управа.

Имено, сторителот откако ја натоварил стоката во Истанбул, се договорил да преземе две ќеси сребро и да го пренесе во Скопје за одреден надомест. Истите ги скрил во делот на фиоките кај совозачкото седиште и во делот на возачкото седиште позади пластиките кај електрониката, по што се упатил кон нашата држава, соопшти Царинската управа.

Случајот е предаден на Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги за понатамошна постапка.

Мобилни царински тимови во два случаи спречија обид за шверц на 220 комплети алати меѓу кои пили и циркулари.

Првиот случај е откриен при контрола на стока со потекло од Кина, наменета за увозник од Скопје, која била пријавена за увозно царинење во царинската испостава Гевгелија. Поради сомневање е извршена контрола на стоката при што биле пронајдени 192 комплети со рачен алат и 40 моторни пили, кои не биле опфатени со царинските документи.

Вториот случај е откриен на влез во државата на граничен премин Табановце при контрола на автобус кој сообраќал на редовна линија Италија – Македонија при што во патните торби на еден од патниците биле пронајдени дури 28 парчиња употребуван електричен алат и полначи.

Македонски државјанин преку граничен премин Табановце се обидел во државата да криумчари дури 250 парчиња икони. Во обидот е спречен од мобилен царински тим кој при контрола на автомобилот на различни места ги откри непријавените икони.

Царински службеници од царинска испостава Скопје 3 запленија 5.475 кутии за школски прибор со ознаки на заштитени трговски марки поради основано сомневање дека повредуваат права од интелектуална сопственост, се додава во соопштението на Царинската управа.