Skip to main content
Македонија

СППМД: Лажни и манипулативни тврдења за Еразмус+ проектот, средствата транспарентно распределени

19/08/2025  12:08

Советот за превентива против малолетничка деликвенција – СППМД, преку свој официјален демант реагира на обвинувањата изнесени изминативе денови во јавноста и на социјалните мрежи, поврзани со наводна злоупотреба на европски средства преку Програмата Еразмус+. Од организацијата категорично тврдат дека станува збор за лажни, манипулативни и сензационалистички информации, чија единствена цел е лична дискредитација и ширење говор на омраза.

„Се чувствуваме повикани да ги споделиме сите релевантни информации за проектот ‘European Orchestra’, бидејќи намерно беа изоставени од одредени политички изјави. Проектот е аплициран и имплементиран уште во 2018 година од страна на Генералниот секретар Петре Мркев и проектниот координатор Ѓоке Нанчев. Има јавно достапни податоци, одобрен буџет и строги правила за имплементација“, стои во демантот.

СППМД појаснува дека станува збор за проект вреден 120.870 евра, со јасно утврдени партнери од Шпанија, Словачка, Италија, Естонија и Турција. Средствата, како што се нагласува, се распределуваат меѓу партнерските организации според утврдени критериуми, а досега кон организацијата пристигнале само 40% од средствата, кои веднаш биле префрлени на партнерите.

„Со оваа кампања брутално се таргетира личноста на Лазар Нанев, иако тој не е апликант ниту координатор на проектот, туку еден од основачите на СППМД. Нашата организација има 27-годишна историја и препознатлива улога во младинските политики во земјава, со низа проекти и иницијативи како Законот за правда за децата и Законот за волонтерство“, додаваат од таму.

Од организацијата посочуваат дека месечниот буџет за координација на проектот изнесува само 500 евра, од кои 200 евра се хонорар за координаторот, а останатите 300 евра се за трошоци на активностите. „Секој проект има свој проектен персонал – координатор, финансиски координатор и помошници, сите активни членови со долгогодишно искуство, независно од нивната политичка определба. СППМД отсекогаш била и ќе остане независна, граѓанска и непартиска организација“, стои во реакцијата.

На крајот, од СППМД упатуваат апел до јавноста и политичките актери да се воздржат од злоупотреби и невистини, и бараат јавно извинување за обидот за дискредитација на организацијата и нејзините членови.