Skip to main content
Спорт

Специјализирани тестирања на олимписките стипендисти за Лос Анџелес 2028

19/12/2025  18:48

Олимписката лабораторија за врвни спортски перформанси на Македонскиот олимписки комитет деновиве беа спроведени специјализирани тестирања на олимписките стипендисти. Тестирани беа повеќе спортисти од различни спортови: Дејан Георгиевски, Милијана Рељиќ, Душица Бреслиева, Дарио Ивановски, Ангел Петрушев и Анастасија Мојсовска кои се најсериозни македонски кандидати за учество на Олимписките игри Лос Анџелес 2028.

Дополнително, во наредниот период ќе бидат тестирани Никола Ѓуретановиќ, Магомедгаџи Нуров и Владимир Егоров.

Тестирањата опфаќаат мерења на основните моторички способности, морфолошко антропометриските карактеристики и физиолошки капацитети на најдобрите македонски спортисти во поединечните олимписки спортови. Во рамките на процесот се оценуваа експлозивната сила, брзината, рамнотежата, издржливоста и кардиореспираторните параметри преку современи тестови (скокови, спринт, лактатен праг и кардиопулмонарни мерења), како и изокинетичка анализа на мускулната сила и можните дисбаланси.

Целта на овие мерења е да се добие аналитички прецизен профил за моменталните перформанси и спортска форма за секој спортист и во соработка со нивните лични тренери и стручните тимови, да се изработат индивидуализирани тренажни програми како и план за следење на нивниот напредок до ОИ Лос Анџелес 2028.