Skip to main content
Македонија

Спасовски со реакција за кривичната: МВРО-ВМРО се враќа на сцена секогаш кога треба да се дефокусира јавноста

10/12/2025  15:32

Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против поранешниот министер Оливер Спасовски под сомнение за злоупотреба на службената должност и овластувањето. Ова затоа што, како што се соопштува, во текот на 2021 година поранешниот министер овозможил една станица за технички преглед во општина Сарај да стекне противправна имотна корист над 90 илјади евра.

„О.С. го сторил делото на тој начин што во законски предвидениот рок не донел решение за одземање на овластувањето за вршење технички преглед, врз основа на предлог доставен од надлежната организациска единица за граѓански работи. Иако знаел дека рокот за донесување на ова решение е најдоцна 15 дена од денот на приемот на предметот, тој не ја извршил својата службена должност согласно Правилникот за начинот и постапката за давање и одземање на овластувањето на правните лица кои вршат технички преглед на возила и категориите возила за кои се издава ова овластување“, велат од МВР.

Поранешниот министер Спасовски целосно ги отфрли овие тврдења, истакнувајќи дека не го изненадуваат методите и дека ВМРО-МВР-О се активира секогаш кога треба да се дефокусира јавноста од вистинските скандали на владата, криминалот и лошата економска состојба.

„Во целост ги отфрлам наводите во т.н пријава. Не ме изненадуваат методите, ништо ново, мвро-вмро се враќа на сцена, секогаш кога треба да се дефокусира јавноста од реалните скандали на власта. ВМРО-ДПМНЕ бега и сака да го отргне вниманието од важните теми, трагедијата во Кочани, мигрантите, криминалите и лошата економска состојба.“ – вели поранешниот министер.

Според него ова е класичен пример за дефокусирање на јавноста од главните теми во овој момент како што се мигрантите и скандалите на актуелната власт.

„Само имам лична дилема, дали повеќе им сметаат моите резултати кога бев министер, или пак проблем е мојата посветеност во борбата за вистината како опозиционер.“ – прашува Спасовски.

Спасовски се сомничи за кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, односно во текот на 2021 година, искористувајќи ја својата службена положба и овластување овозможил на правен субјект- технички преглед во општина Сарај да се стекне со противправна имотна корист во износ од 5.565.927 денари.