Skip to main content
Македонија

Спасовски: Резултатот е катастрофален, но вината не е само кај Филипче

05/11/2025  23:07

Резултатот од локалните избори е најлошиот во историјата на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, вели пратеникот и поранешен министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој во интервју за телевизија Алсат истакна дека партијата се соочува со сериозна криза што бара темелна анализа и редефинирање на нејзините политики.

„Резултатот од 126 илјади гласа претставува дно и јас би сакал тоа да биде дното на кое сите ќе застанеме. Тоа ме загрижува, но и мотивира да видиме што треба да се направи понатаму“, рече Спасовски.

Тој нагласи дека СДСМ останува идеја со длабоки корени и традиција во македонското општество, но дека за нејзиното опстојување се потребни суштински промени – не само на поединци, туку на целиот пристап.

„Персоналните решенија во овој момент нема да ја решат работата. Ако мислиме дека само со заменување на личности ќе дојдеме до посакуваниот ефект – тоа е погрешна логика“, истакна Спасовски, додавајќи дека не сака да навлегува во дебати за кадровски промени.

Прашан дали ќе бара оставка или одговорност од актуелниот партиски лидер Венко Филипче, Спасовски рече дека секој што се кандидирал за претседател презел одговорност и за најдобриот и за најлошиот резултат.

„Оставките се личен чин, длабоко морален и високо етички. Но решението не е во јавни повици и дебати преку медиуми, туку во сериозна внатрепартиска анализа и разговор во рамките на органите на партијата“, нагласи тој.

Според него, СДСМ мора да направи темелна реформа во три насоки:

  1. редефинирање на политичката платформа,
  2. промена на организационата структура, и
  3. зајакнување на коалициониот капацитет.

„Без внатрешна дебата нема да има ни решение. Имаме капацитет да разговараме и да го избереме она што е најдобро за СДСМ,“ додаде Спасовски.

Во врска со тврдењата дека постоел „таен договор“ меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за исходот на изборите, Спасовски изјави дека перцепцијата е најопасното оружје во политиката.

„Кога една перцепција ќе се создаде, а вие не ја менувате, таа станува вистина. Сега се создаде перцепција за некаква соработка меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и ние мора да ја разбиеме ако тоа не е вистина,“ рече тој.

Тој оцени дека е голема грешка што СДСМ немал кандидати за градоначалници во дел од општините, вклучувајќи ги Кичево и Струга, што придонело за полоши резултати.

„Ако имавме кандидати во сите општини, ќе имавме поинаков резултат и на советничките листи. Сакаме да се бориме за СДСМ, а не против некого,“ порача Спасовски.

Тој смета дека во вториот изборен круг требало да се обезбеди соработка со сите што не ја поддржуваат власта, а неутралниот став и оставената слобода за одлучување направиле штета на партијата.

„СДСМ мора да има јасен став и порака до членството. Не станува збор за соработка со ДУИ, туку за создавање опозициски фронт,“ рече тој.

Во заклучок, Спасовски предупреди дека ВМРО-ДПМНЕ треба да биде внимателно со апсолутната власт, бидејќи секогаш кога една партија ќе ја достигне, тоа претставува врв и почеток на политичкиот пад.

„Секогаш кога ќе ја имате апсолутната власт, тоа е врвот – и тоа е сериозен проблем за понатаму,“ заврши Спасовски.