
Координаторот на пратеничката група на СДСМ најостро ја осуди денешната, како што ја нарече, срамна, навредлива и дискриминаторска изјава на министерката за финансии, Кочовска, упатена кон пратеничката Славјанка Петровска.
„Во обид да избега од личната одговорност за сериозното влошување на животниот стандард на граѓаните, министерката Кочовска не се двоумеше да се впушти во лични навреди, коментирајќи го приватниот живот на колешката Петровска. Со тоа, таа го покажа вистинското лице на ВМРО-ДПМНЕ – партија која наместо аргументи, секогаш се служи со дискредитации, дискриминација и навредување на жени во политиката,“ се наведува во реакцијата.
Според СДСМ, ваквото однесување е крајно недолично, дискриминаторско и понижувачко и не смее да има место во македонското Собрание, ниту во политичкиот дискурс воопшто.
„Изјавата на министерката Кочовска не е само напад врз пратеничката Петровска, туку и врз секоја жена во Македонија која се бори за свое место во општеството и политиката. Ова е уште еден пример на лицемерното ‘демо-христијанско’ однесување на ВМРО-ДПМНЕ, кое во отсуство на аргументи, се прибегнува кон дискриминација и омаловажување на жените,“ се вели во реакцијата.
Од партијата бараат министерката Кочовска веднаш јавно да се извини за овој недостоинствен чин. Истовремено, упатуваат повик до граѓаните, невладините организации и целата јавност да се спротивстават на ваквиот говор на омраза и да испратат јасна порака дека дискриминацијата и навредите врз жените нема да бидат толерирани.
„Ќе продолжиме да се бориме за достоинствен политички дискурс и општество во кое сите граѓани, без разлика на нивниот пол, ќе бидат почитувани и вреднувани според своите способности и заложби, а не според лични квалификации и навреди,“ порача координаторот на пратеничката група на СДСМ.