Skip to main content
Македонија

Советот за реформа на јавната администрација ја одржа втората седница

01/04/2025  13:31

Под претседателство на премиерот на Република Македонија, Христијан Мицкоски, денес се одржа втората седница на Советот за реформа на јавната администрација, кој има клучна улога во управувањето со реформскиот процес во овој сектор.

На седницата беа разгледани резултатите од спроведувањето на Стратегијата за реформа на јавната администрација 2023-2030, како и годишните извештаи за 2023 и 2024 година. Дополнително беа презентирани наодите од оценската мисија на СИГМА за напредокот на земјата во оваа област.

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, потенцираше дека реформата на администрацијата е приоритет на Владата и е директно поврзана со европската интеграција.

„Граѓаните очекуваат ефикасна, професионална и транспарентна администрација. Нашата цел е да создадеме систем ориентиран кон резултати, а не кон бирократски процедури. Ќе се залагаме за администрација која ќе биде услужна, дигитализирана и ослободена од непотребни партиски влијанија“, изјави Минчев.

На седницата беа усвоени годишните извештаи за спроведувањето на реформската стратегија, кои ќе бидат доставени до Владата на разгледување и усвојување. Исто така, Советот го усвои и Акцискиот план со конкретни мерки согласно препораките од Извештајот за мониторинг од оценската мисија на СИГМА за 2024 година.

Претставникот на СИГМА, Баграт Тунјан, ги презентираше резултатите од оценската мисија, нагласувајќи дека Македонија бележи позитивни чекори во клучните реформски области, но и дека остануваат предизвици што треба да се надминат.

Министерот Минчев ја истакна потребата од зголемена одговорност на институциите во спроведувањето на реформите.

„Реформата на јавната администрација не е политички маркетинг, туку суштински процес што треба да донесе конкретни подобрувања за сите граѓани. Ова е наша обврска, и нема да дозволиме овој процес да остане само на хартија“, заклучи тој.

Министерството за јавна администрација ќе продолжи со активна координација на реформските процеси, со цел создавање на ефикасна, модерна и професионална администрација во служба на граѓаните.