Skip to main content
Македонија

Советот на Струга во ќор-сокак, градоначалникот најавува избори

24/12/2025  16:47

Советот на Општина Струга остана без претседател, а политичките партии се уште не успеваат да постигнат договор за деблокада. По вчерашните обвинувања на градоначалникот Менди Ќира дека блокадата е иницирана од НАИ и од листата на поранешниот градоначалник Рамиз Мерко, од НАИ возвратија со оценка дека обвинувањата се неосновани.

Општинскиот советник Фатон Положани од НАИ изјави дека Советот уште на првата седница го прекршил законот со ставање на предлог од нивните редови на дневен ред, кој подоцна бил повлечен:

„Со нас тој ниту се консултирал, ниту разговарал, ниту нè повикал. Неговите обвинувања се само знак на политичка немоќ пред ВМРО станува лав дома, а кога оди на училиште станува глушец“, изјави Положани.

Градоначалникот Ќира најави дека доколку не се најде решение за деблокада, ќе се организираат предвремени избори за советници:

„Јас, како градоначалник на Општина Струга, заедно со партиите на мнозинството се договоривме дека доколку опозицијата продолжи со блокадите, во моментот кога ќе се исполнат законските услови ќе организираме предвремени избори за Општинскиот совет“, изјави Ќира.

Државната изборна комисија информираше дека не е надлежна за да се изјаснува по ова прашање.

Според Законот за локална самоуправа, Советот може да се распушти по сопствена иницијатива со одлука на мнозинството од неговите членови, или доколку не заседава повеќе од шест месеци, не го усвои буџетот и завршната сметка до 31 март наредната година, донесе одлуки со кои се загрозува суверенитетот и територијалниот интегритет на Републиката или повторно донесе одредба што била укината од Уставниот суд.

Советот на Општина Струга се состои од 23 советници: 8 од НАИ, 6 од ВМРО-ДПМНЕ, 4 од ВЛЕН, по 1 од СДСМ и Левица и 3 од Независната листа на Рамиз Мерко.