Skip to main content
Македонија

Советот на Кочани денеска бира в.д. градоначалник 

14/04/2025  11:44

Советот на Општина Кочани денеска ќе одлучува за избор на в.д. градоначалник, откако досегашниот, Љупчо Папазов, поднесе оставка и беше приведен поради вмешаност во трагедијата што го потресе Кочани и цела Македонија.

Иако функцијата привремено ја извршува заменик-градоначалникот Мирче Стојков, валидноста на неговиот потпис е оспорена, поради што работата на општинската администрација е целосно блокирана.

По оставката на Папазов на 18 март, Стојков во законскиот рок од 15 дена го известил Министерството за локална самоуправа, по што е иницирана постапка за избор на вршител на должност.

Владата на 1 април го задолжи Советот на Општина Кочани во рок од 30 дена да избере нов в.д. градоначалник, кој ќе ја извршува функцијата до одржување на редовните локални избори наесен.