
Советниците од Левица во скопските општини поднесоа иницијатива за воспоставување меѓуопштинска соработка со Градот Скопје, со цел поефикасно и економично спроведување на надлежностите на општините во делот на градежната инспекција и отстранувањето на бесправно изградените објекти.
Со овие иницијативи би се воспоставил системски пристап кон проблемот со бесправните градби на ниво на целиот град.
Ваквиот пристап е неопходен за заштита на јавната безбедност, јавниот простор, како и за спречување на понатамошна узурпација на заедничките површини и создавање небезбедна и нерегулирана урбана средина.
Со ваквата иницијатива, всушност, наместо склучување на тендери и испумпување на енормни суми од општинските буџети на приватни фирми за рушење на дивоградбите – оваа должност би ја презела ЈП „Улици и патишта” – Скопје.
Амандман за меѓуопштинска соработка на Градот Скопје со сите скопски општини беше поднесен на последната седница на Советот на Град Скопје од страна на советничката група на Левица, но, за жал, истиот беше одбиен од мнозинството поради неиздржани процедурални причини (наводна нужност општините да поднесат ваква иницијатива до Градот, што не секогаш е случај). Од таа причина, уште истиот ден од одбивањето на амандманот – советниците од Левица во скопските општини ја иницираа оваа соработка.
Ваква меѓуопштинска соработка на последната седница на Советот на Градот се воспостави со Општина Центар, по иницијатива на советниците од Левица во претходниот мандат во Општина Центар.
Апелираме до градоначалниците и мнозинствата низ Советите на скопските општини, без одложување, оваа иницијатива да ја стават на Дневен ред и да се усвои.
Безбедноста на луѓето нема простор за каприц и ароганција!

