
Нервозата за време на оброците и тешкотиите со заспивањето се вообичаени знаци на никнувањето заби, коешто е голем чекор во оралниот развој на детето. Тоа е развојна фаза којашто може да биде предизвикувачка и за бебињата и за родителите, но со соодветен третман, може полесно да се помине… Како што истакнуваат стручњаците за „Тудеј’с перент“ (Today’s Parent), никнувањето на забите обично почнува на возраст меѓу четири и осум месеци, но тоа време може да варира. И, иако тоа е пресвртница во развојот, педијатарот д-р Акаш Синха се согласува оти самиот процес може да биде непријатен.
– Бебињата стануваат многу пребирливи, а понекогаш и губат интерес за храната, а сѐ тоа се нормални и тешки промени за родителите. Никнувањето заби е процес во којшто млечните заби конечно се пробиваат низ непцата. Никнувањето, така, може да предизвика блага болка и непријатност. Исто така, може да ги направи бебињата раздразливи или немирни, што често доведува до зачестено плачење и нарушен сон, истакнува д-р Синха.
Затоа, родителот треба да биде смирен и трпелив.
Времето кога ќе никнат првите заби кај бебето, е под влијание на голем број фактори, вклучувајќи ја и семејната историја, генетика, исхрана, родилна тежина и тоа – дали малечкото е родено во терминот. Симптомите на никнување заби понекогаш може да се помешаат со знаци на настинка. Најчестите знаци вклучуваат раздразливост (но не на кожата), кашлање, гризење, блага треска, триење на образите и влечење на ушите.
– По правило, никнувањето заби кај бебињата почнува со двата долни централни секачи. Тоа се оние што им помагаат на бебињата да почнат да ја гризаат храната, вели педијатарот д-р Кери Хронис.
Забите доаѓаат во двојки, а варијациите се нормални и очекувани, бидејќи секое бебе се развива со свое темпо. Постојат многу безбедни начини да се ублажи непријатноста, на пр. ладен прстен за гризење, џвакање на ладна, влажна крпа, но и други, меки, силиконски играчки што и се предвидени за гризење.
Во случаи ако бебето е необично поспано, одбива храна и течности, или ако непцата му се многу отечени и крварат – треба да се јавите кај лекар.