Skip to main content
Македонија

Состојбата меѓу Израел и Иран ќе влијае врз цената на нафтата и во Македонија

13/06/2025  17:50

Војната меѓу Израел и Иран ќе има влијанија врз цената на нафтата и во Македонија, смета претседателот на Регулаторната комисија за енергетика водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) Марко Бислимовски, но не очекува влијание на цените на останатите продукти.

По ноќешните напади на Израел врз Иран, тој посочи дека утрово цената на светските берзи на бренд нафтата била зголемена за десеттина долари. Зголемувањето, според Бислимовски, е шест-седум долари.

– Апсолутно ќе има влијанија, да видиме како ќе се одрази во следните денови. За следната недела не верувам дека ќе има некое драстично влијание кога ќе ја носиме одлуката, но понатаму доколку продолжи ваквиот тренд на високи цени на нафтените деривати. Апсолутно дека ќе има влијание и на цената која што ќе ја плаќаат корисниците во Македонија – изјави денеска Бислимовски пред обраќањето на панел сесијата „Енергетска ефикасност и интеграција на обновливи извори на енергија во комуналниот сектор“ во рамки на меѓународната конференција „Иднината на комуналниот сектор“, што се одржува во Охрид.

Изрази надеж дека по пикот цените ќе се стабилизираат, посочувајќи го примерот со војната во Украина кога цената на дизелот достигна 110 долари по барел.

– Се надеваме дека ова ќе биде само еден пик и понатаму ќе се стабилизираат цените, како што беше тоа случај кога почна војната во Украина, имаше пик па се стабилизира и во последните неколку месеци тие се движеа меѓу 65 и 68 долари за барел. Сега имаме прв пат ситуација утрово цената да е 78 долари за барел, но да се надеваме дека тоа ќе биде само еден пик – рече Бислимовски.

Тој потсети на поскапувањата на повеќето продукти со зголемувањето на цената на нафтата при почетокот на војната во Украина и оти со намалувањето на нафтените деривати не ги вратија назад.

– Кога зборуваме за цените на нафтените деривати, дизелот кога беше 110 долари беше причина за голем број поскапувања. Денеска цената на дизелот е 66-67 денари, а цените на производите кои тогаш се покачија не се вратија назад. Не верувам дека тоа ќе има драматично влијание на останатите продукти коишто се користат во Македонија – заклучи претседателот на РКЕ.