Skip to main content
Хроника

Соседска расправија за канта за ѓубре во Виена заврши со тепачка, закани со нож и апсење на државјанин на Македонија

12/10/2025  13:26

Долгогодишен соседски конфликт во виенскиот кварт Флоридсдорф ескалираше во брутална физичка пресметка во саботата, а баналната причина за тепачката била канта за ѓубре. Во инцидентот биле повредени три лица, а полицијата уапсила 48-годишен маж кај кого биле измерени дури 3,28 промили алкохол во крвта, објави 4NEWS.mk

Според полицискиот извештај, сè започнало околу 15:00 часот, кога 44-годишен маж со потекло од Македонија се обидувал да го изнесе своето ѓубре. Во тој момент, неговиот видно пијан 48-годишен сосед, Австриец, без очигледна причина го нападнал – го турнал на земја, го тепал, го давел и го удирал од ѕид.

Во обид да ја прекине расправијата, интервенирала и 42-годишната сопруга на нападнатиот, но и таа била удрена во лицето од насилниот сосед, кој потоа се заканил дека ќе го убие парот со нож.

Вресоците го разбудиле и нивниот 19-годишен син, кој во одбрана на своите родители, зел палка и боксирач и го нападнал 48-годишниот сосед.

Кога полицијата пристигнала, успеала да ја смири ситуацијата. Повредената двојка била пренесена во болница. Насилниот 48-годишен сосед, кој продолжил со навреди и закани и пред полицајците, бил уапсен и исто така пренесен во болница со повреди на подлактицата. Против него е издадена и забрана за приближување.

Правни последици ќе има и за 19-годишниот син, кому му е изречена забрана за поседување оружје, а палката и боксирачот му се конфискувани. Тој, исто така, е пријавен за напад.