Skip to main content
Македонија

Сопствениците на депонијата во Визбегово добија условна казна за напад на новинарска екипа

24/07/2025  20:00

Скопскиот кривичен суд изрече условна затворска казна за Александар Николчев и Маја Караманова, лицата кои на 9 јули ја нападнаа новинарската екипа на телевизијата Алсат. Инцидентот се случи за време на големиот пожар на дивата депонија во скопско Визбегово, додека новинарите беа на терен и известуваа за сериозното загадување на воздухот.

Двајцата обвинети ја признаа вината и се согласија со сите обвинувања и правни квалификации изнесени од страна на Обвинителството, објави порталот 4NEWS.mk.

Судот ги прогласи за виновни и им изрече условна затворска казна: три години условно за Александар Николчев и една година и три месеци условно за Маја Караманова. Според пресудата, доколку не ги почитуваат условите на казната, таа ќе биде спроведена како ефективен затвор.

Инцидентот предизвика остри реакции во јавноста и меѓу новинарските здруженија, кои побараа посериозна заштита за новинарите кои известуваат од терен, особено во ситуации со зголемен ризик.