
Наталија Ѓорѓиеска, сопругата на пејачот Андреј Ѓорѓиески од групата ДНК, кој трагично го загуби животот во пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, денеска се обрати пред Собранието на Република Македонија со силна и емотивна порака. Во име на семејствата на загинатите, таа побара пратениците да иницираат надзорна расправа и посебна анкетна комисија која ќе го истражи случајот до детали и ќе ги утврди сите пропусти на институциите.
„Бараме да се утврди зошто институциите задоцнија. Никој не треба да живее со мислата дека некој можел да биде спасен, а не бил. Бараме да се утврди вистината – каде се случиле пропустите, кој не реагирал, кои институции задоцниле, кој имал должност да спречи, а не спречил,“ порача Ѓорѓиеска, нагласувајќи дека истрагата која досега се водела останала нецелосна и со бројни отворени прашања.
Таа истакна дека семејствата имаат сомнеж дека вистината е сокриена, а трагедијата претставува длабока повреда на основните човекови права – правото на живот, на безбедност и на навремена институционална реакција при закана по живот.
Според Ѓорѓиеска, анкетната комисија е неопходна не само за да се утврди евентуална службена или политичка одговорност, туку и за да се подготват мерки кои ќе гарантираат дека ваква трагедија никогаш повеќе нема да се повтори.
„Ние не бараме сочувство. Тоа не ги враќа нашите најмили и не ја брише болката. Бараме институционална вистина, фер постапка и гаранција дека ниту едно семејство нема да ја преживее ноќта што ние ја преживеавме. Ваша должност е да ја заштитите јавноста и сите граѓани,“ им порача таа на пратениците.
Ѓорѓиеска додаде дека денешниот марш е глас на луѓе, родители и семејства кои сфатиле дека трагедијата во Кочани можела да се случи на секого – и дека никој не е безбеден кога институциите не постапуваат.
„Маршот за ангелите“ започна денеска во 12:05 часот од плоштадот „Македонија“ во Скопје, обединувајќи илјадници граѓани во барањето за вистина и правда.

