
Низ булеварите во Скопје веќе почнаа да се поставуваат информативни табли со кои се известува дека сообраќајот е под видео надзор, како дел од имплементацијата на системот „Сејф сити“, кој треба целосно да профункционира од 1 февруари.
За правосилно стапување во сила на казнувањето преку камерите, неопходни се измени на Законот за прекршоци, за кои е потребно двотретинско мнозинство во Собранието. Токму овој закон се очекува да биде првиот конкретен резултат од позитивната атмосфера по одржаната лидерска средба.
На вчерашната координација на пратеничките групи била постигната согласност ДУИ да ги поддржи измените во Законот за прекршоци, со што се отвора патот камерите на сообраќајниците да почнат со правосилна примена од 1 февруари. Изгласувањето на законските измени, според најавите, најверојатно ќе се случи во текот на следната недела.
Паралелно со ова, денеска во Собранието, Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците на својата 51. седница ќе одржи јавна расправа по Предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик. Со предложените измени, како што се наведува, ќе се отстранат воочените слабости во постојните законски решенија, особено во делот на заострување на казнената политика со цел повторно зајакнување на нејзината превентивна и репресивна функција.
Во образложението се наведува дека измените се изработени врз основа на компаративна анализа подготвена во Собранието, како и во согласност со забелешките од Извештајот на Европската комисија за 2023 година, со цел зајакнување на борбата против високата корупција.
Предлог-законот предвидува и воведување ново кривично дело – „злоупотреба на туѓа снимка, фотографија, аудио запис или спис со сексуално-експлицитна содржина“, со што како примарен објект на заштита се поставува приватноста на граѓаните.
Дополнително, со измените се проширува примената на проширената конфискација, се врши усогласување со Истанбулската конвенција, особено во делот на родово-базираното и семејното насилство, како и се воведуваат нови облици кај кривичното дело „трговија со дете“, со цел поефикасна борба против злоупотребата и питачењето.
Во пакетот измени се опфатени и кривичните дела против безбедноста во сообраќајот и одземањето предмети, кои се директно поврзани со имплементацијата на проектот „Сејф сити“.
