
Британскиот центар за истражување на ракот (CRUK) предупреди дека бројот на дијагностицирани случаи на меланом – најопасниот облик на рак на кожа – се очекува да се зголеми и оваа година, објавија денес британските медиуми.
Според најновата студија, ракот кај мажите најчесто се јавува во пределот на градниот кош – грб, торзо и стомак – и сочинува 4 од 10 случаи, односно околу 3.700 случаи годишно. Кај жените, меланомот најчесто се јавува на долните екстремитети – од колковите до стапалата – со околу 3.200 годишни случаи.
Овие разлики се припишуваат на различниот начин на облекување и изложување на сонце: мажите почесто се сончаат без маица, додека жените почесто носат здолништа или шорцеви при топло време.
Студијата укажува дека 87% од случаите на рак на кожа во Велика Британија се резултат на прекумерна изложеност на УВ-зраци, што значи дека околу 17.100 луѓе секоја година се погодени од оваа болест.
Загрижува и рекордниот раст на меланомот забележан минатата година – дури 57% кај лицата постари од 80 години, и 7% пораст кај возрасната група од 25 до 49 години.
Директорката на Центарот, Мишел Мичел, изјави дека превенцијата и раната дијагноза се клучни во борбата против ракот на кожа. Таа апелира до јавноста да не ги игнорира промените на кожата, појавата на нови бенки или промени во нивната големина и боја – и веднаш да се консултира лекар во такви случаи.