Skip to main content
Македонија

Сончево и многу топло и денеска, до сабота температури до 43 степени

24/07/2025  08:25

Времето денеска ќе биде сончево и многу топло, а наместа максималната температури ќе достигне 42 степенa. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец.

Во Скопје, истотака, ќе биде сончево и многу топло, со слаб до умерен ветер од северозападен правец.

Во петок и во сабота ќе се задржи сончево и многу топло време со мала до умерена локална облачност и со температура која наместа ќе достигне и 43°C. Во недела ќе има локална појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи, а температурата ќе биде во опаѓање.

Поради топлотниот бран, Владата им препорача на работодавачите, во периодот од 23 до 26 јули, да ги ослободат од работа бремените жени и лицата постари од 60 години, да се овозможи работа од далечина таму каде што има услови, како и флексибилно и двократно работно време каде што е изводливо.

И Синдикатот на новинарите и на медиумските работници побара препораките за заштита од топлотниот бран да важат и за новинарите и медиумските работници. Оттаму велат дека новинарските екипи не треба да се испраќаат на терен ако нема услови за заштита од топлотен бран, а политичарите да избегнуваат организирање настани на отворено и случувања кои бараат подолг престој на простор со високи температури.