
Соња Миротиќ има 57 години, а Марко 69, и се од селото Грбавци кај Подгорица. Тие го добија своето прво дете, девојче кое го нарекоа Богдана, по две децении голема борба, а својата среќа и возбудување поради тоа не ја криеја.
Со својата приказна покажаа дека никогаш не е доцна ако доволно верувате, и им дадоа поттик на многу парови кои се соочуваат со слични предизвици. За сето тоа зборуваа и во емисија на српската телевизија ТВ Прва.
„Не можам да ви опишам какво беше чувството кога првпат ја зедов во раце. Не можев да поверувам дека конечно сум мајка и дека ни се оствари тоа што толку години го посакувавме“, рече Соња.
Бебето одлично напредува, е здраво и сака галење.
„Обожава да се вози во количка и да се гали со тато. Само е малку нервозна кога е гладна. Брзо се вклопивме, фативме ритам“, велат родителите.
Соња и Марко сè прават заедно, целиот живот се најголема поддршка еден на друг. Како што вели Соња, сè извршуваат заеднички, а чувствата се неописливи откако Богдана влезе во нивните животи.