
Научници од Индија и Обединетите Арапски Емирати во заедничка студија дошле до неверојатно откритие, дека во солзите и крвта на камилите има микроскопски воини, антитела кои имаат способност да го неутрализираат отровот на 26 различни смртоносни змии, вклучувајќи ги и најопасните видови како што се индиската кобра, пишува Moneycontrol.
Оваа специфична форма на антитела, нанотела, се многу помали, постабилни и полесни за генетска манипулација од човечките антитела, а со тоа и исклучително погодни за употреба во имунотерапија и производство на противотрови.
„Камилите еволуирале милиони години во екстремни услови. Нивниот имунолошки систем е еден од најсилните во животинското царство“, потенцираат научниците.
Ова откритие би можело да биде клучот за спасување на десетици илјади животи годишно – особено во сиромашните земји во Азија и Африка, каде што луѓето најчесто страдаат од каснувања од змии, а достапноста на постојните противотрови е ограничена, скапа и честопати неефикасна.
Една солза, тврдат научниците, содржи потенцијал да го неутрализира отровот од повеќе змии истовремено, поради тоа ја нарекоа „најскапата солза во светот“.