Skip to main content
Свет

Сојузниците на Украина со силна осуда за Русија поради смртоносниот ракетен напад во Суми

14/04/2025  09:50

Сојузниците на Украина ја осудија Русија за смртоносниот ракетен напад врз украинскиот град Суми, при што загинаа 34 лица, вклучително две деца, а 117 беа повредени. Две балистички ракети го погодија центарот на градот вчера наутро, експлодирајќи во близина на државниот универзитет и конгресниот центар, оставајќи крвави тела расфрлани по улиците.

Американскиот претседател Доналд Трамп го опиша нападот како „ужасна работа“, додека идниот германски канцелар, Фридрих Мерц, ја обвини Русија за извршување воено злосторство.

Нападот доаѓа во време кога САД, најсилниот воен сојузник на Украина, се обидуваат да стават крај на војната, која влезе во четврта година – преку преговори под раководство на Трамп, пишува Би-Би-Си. Запрашан за нападот, американскиот претседател рече дека е „страшен“ и дека му било кажано дека „направиле грешка“, но не даде повеќе детали.

Претходно, специјалниот пратеник на Трамп за Украина, пензионираниот генерал-потполковник Кит Келог, рече дека нападот ја преминал „секоја граница на пристојност“.

Украинскиот лидер Володимир Зеленски го повика Трамп да ја посети Украина и лично да го види опустошувањето предизвикано од руската инвазија.

– Ве молам, пред какви било одлуки, пред какви било форми на преговори, дојдете да ги видите луѓето, цивили, војници, болници, цркви, деца уништени или мртви, рече тој во интервју за програмата „60 минути“ на Си-би-ес, снимeно пред нападот во Суми.

Мерц, за кој се очекува да стане нов германски канцелар следниот месец, за германскиот јавен радиодифузер АРД изјави дека нападот врз Суми претставува „сериозно воено злосторство“. – Тоа беше подмолен чин… и е сериозно воено злосторство, намерно и планирано, рече конзервативниот политичар.

Актуелниот германски канцелар Олаф Шолц, пак, изјави дека нападот покажува „колку вреди наводната подготвеност на Русија за мир“.

Францускиот претседател Емануел Макрон ја обвини Русија за „очигледно непочитување на човечките животи, меѓународното право и дипломатските напори на претседателот Трамп“. – Потребни се силни мерки за да се наметне прекин на огнот врз Русија, рече тој. „Франција неуморно работи кон оваа цел, заедно со своите партнери.“

Опишувајќи го нападот како „варварски“, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен истакна: „Русија беше и останува агресор, во очигледно кршење на меѓународното право. – Итно се потребни силни мерки за да се наметне прекин на огнот. Европа ќе продолжи да соработува со партнерите и да одржува силен притисок врз Русија додека не заврши крвопролевањето и не се постигне праведен и траен мир, според условите на Украина, додаде таа.

Британскиот премиер сер Кир Стармер исто така го изрази своето мислење, велејќи дека е „згрозен од ужасните напади на Русија врз цивили во Суми“.

Портпаролот на генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш рече дека тој е „длабоко вознемирен и шокиран“ од веста за ракетниот напад.
-Нападите врз цивили и цивилни објекти се забранети според меѓународното хуманитарно право, и сите такви напади, каде и да се случат, мора веднаш да престанат, додаде тој. Гутереш ја нагласи поддршката на ОН за „значајни напори кон праведен, траен и сеопфатен мир што целосно ги поддржува суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Украина“.

Вчерашниот двоен ракетен напад беше најсмртоносниот напад врз цивили во Украина оваа година.
Претходен руски ракетен напад, на 4 април, уби 20 луѓе и повреди 61 во градот Криви Рих. Тогаш, руското Министерство за одбрана соопшти дека целта била состанок на „командири на единици и западни инструктори“ во ресторан. Не беа обезбедени докази.

Се проценува дека стотици илјади луѓе – огромно мнозинство војници – се убиени или повредени на сите страни од почетокот на целосната инвазија на Русија врз Украина на 24 февруари 2022 година.

ОН проценува дека речиси седум милиони Украинци моментално живеат како бегалци.