Skip to main content
Македонија

Со смртни закани барал 3.000 евра од градоначалник – се бара притвор за едно лице од Неготино

21/09/2025  10:00

Основното јавно обвинителство Кавадарци поведе истражна постапка против едно лице од Неготино за кривично дело – Изнуда од член 258 став 1 во врска со член 19 (во обид), како и Загрозување на сигурноста од член 144 став 4 во врска со став 2 и став 1 од Кривичниот законик.

Кривичните дела ги извршил спрема градоначалникот на Неготино. На 2 септември, од анонимен фејсбук профил му пишал на градоначалникот и со сериозни директни закани кон него и неговото семејство се обидел да го присили да му исплати 3.000 евра.

Во периодот од 4 до 18 септември, во неколку наврати осомничениот испраќал пораки со смртни закани на градоначалникот и на официјалната електронска пошта на општината, со што кај оштетениот и неговото семејство предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв.

Бидејќи постојат законските основи – опасност од бегство и можност осомничениот да го повтори делото, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор.